За нас

Често поставувани прашања

Кој сте вие и… што сте побогу?

Sixtynine Records е мала и независна DIY издавачка куќа и промотер од Скопје, Македонија; колектив од хардкор/панк бендови од Македонија и светот. Како независна издавачка куќа, исто така располагаме и со свое дистро каде можете да набавите куп кул домашна но и странска музика… можете да не видите на концерти и разни настани… во непосредна близина на куп дискови, маици… или пак на шанк. Btw, од скоро продаваме и online.

Кој поточно стои зад ова?

maxresdefault

Оокеј… само нели можевте да смислите подобро име?

Не.

Дали некако сте регистрирани легално?

И не и да. Зошто, да не си џандар?

Све супер ова, ама што ќар имам јас?

Твојот ќар е добра музика. Нашиот ќар е твојата поддршка 🙂 It makes sense, no?

Океј, сакам да се приклучам. Сакам да помогнам некако. Како?

Закон! Ќе ни биде посебно драго ако сакаш да ни помогнеш во било кој сегмент односно активност на колективот. Можеш да ни помогнеш на следниве начини:

• Писар
(Објавува домашни и/или странски новости на овој вебсајт. Дознава за евенти и ги објавува. Пишува разни текстови, критики, ривјуа и концерт report-и. Се разбира, поддржуваме сè што е подземно, новостите не мора да бидат поврзани само со Sixtynine настани и бендови.)

• Преведувач
(Често имаме потреба дел од текстовите кои се појавуваат на овој вебсајт да бидат преведени и на англиски. Па, помош околу преводи е секогаш добредојдена “ствар”.)

• “Клабер”
(Има свој клуб некаде во Македонија и сака да му свират бендови чии членови смрдат на комбе. Не сака да профитира од билети, туку се снаоѓа околу одржувањето на просторот на друг начин. Ако си таков, прва лига, you’re in!)

• Поседувач на легло
(Бенд доаѓа да свири во Скопје а ти имаш екстра кревети, душеци или слободен под? You got the job.)

• Готвач
(Иако главниот шеф на кујната на Sixtynine е надалеку познатиот Fat Cacko, сепак дозволуваме да се појави конкуренција (Баш сум смешен денес, нели?))

• Дизајнер
(Дизајнерот е општо познат, но и тој дозволува НЕКОГАШ помош:)

• Шофер
(Човек кој сака да вози. Бендови на турнеја.)

• Поседувач на комбе
(Човек кој поседува комбе. Исто така нема проблем да го рента.)

• Букер
(Човек кој прави букети. Океј се шалам:)

Имам бенд!

Океј, тоа и не е прашање ама се прифаќа! Супер, како може да ти помогнеме? 🙂 Пиши ни за пиво.

Како издавате албуми?

Подолу има едно интервју, пред да не контактираш би те замолиле да го прочиташ. Веруваме дека сите прашања околу издавањето ќе бидат разјаснети. Фала на разбирање!

Сакам да донесам бенд!

Кул. Пиши ни за пиво.

Сакам мој банер овде! Дајте ваш банер!

Кул. Пиши ни за банер. И пиво.

Фала ви многу на овие одговори. Каде да ве контактирам?

Фала ти на тебе! Овде! Пиво.

1976889_306047942925841_2969640365138300358_n

Интервју со Fitz за весникот Антена (март 2013):

Sixtynine Records наједноставно претставено е збир на енергија, заедничка идеја, т.е како што јас навеќе сакам да го нарекувам – колектив на бендови од неколку приближно-братски жанрови на искрена музика кои дејствуваат под едно име. Целта на Sixtynine е да функционира како силна тупаница еднаш штом ќе ја добие моќта да замавне. Она што е зад етикетата, е силната потпора од луѓе кои подолго време стојат на тлото од она што се нарекува независна сцена во Македонија. Заедно со другите независни издавачи, верувам дека еден ден ќе имаме исчистена бројка на квалитетни артисти, за кои неминовно ќе биде да изградат своја фанатичка армија.

Sixtynine Records го започнав токму заради тоа – потребата да се создадат фанатици и на другата страна да се акумилираат квалитетни артисти во еден другарски колектив.

Првото издание на label-от е токму “Еволуцијата би требало да започне сега…” од мојот матичен бенд – Новиот Почеток. Издадено е во октомври, 2006 година и можам да кажам дека тогаш ја имав само идејата дека треба да имаме свој label.. но ништо повеќе од тоа… Ми текнува дека првото лого беше претставено како Fic Sixtynine а претставуваше пародија на логото на Fat Wreck Chords. Непосредно пред вториот албум, веќе започнавме со своите side-проекти и некако наеднаш веќе започнаа да излегуваат изданија – EP-то на Retro Cabaret (мојот side-проект), деби албумот како и сплитот на Screaming For Change (на Цацко)… и почнаа да се приклучуваат наши пријатели, бендови – Dok7, Hideout, и сега најновите – Gears и  Generiss. Она што е интересно е дека решивме да направиме колектив, бидејќи сфативме дека ние неколку луѓе сме една таканаречена фабрика за производство на комплетен музички производ: Значи, правиме комплетно музика сами – се разбира, снимаме во наши студија (сега веќе стануваат две или три), работиме на продукцијата, јас работам графички и веб дизајн, видео, промовирам, објавувам, договарам, организирам… Цацко работи на букингот на бендови од надвор, ги сместува, ги “угостува”, (одлично) им готви и тн… Сите сме одлично организирани и што е најважно од се’, нема никаков профит во приказната. Мислам дека бендовите доволно ја препознаваат нашата љубов и искреност и полека се приклучуваат самите кон “колективот”. Се надевам дека еден ден ќе дојде подобро време, и полека работиме на тоа да функционираме како вистински label кој може да си дозволи да вложи… не само во изданија туку мислам и на биро (без “кратија”), комбе и слично. 🙂

Она на што највеќе се задржува Sixtynine е всушност максималната поддршка и промоција на младите бендови, како и континуираната промоција на оние кои се веќе долго зацврстени на независната сцена.

Јас барем, сакам да ги поддржувам новите бендови на начинот на кој бев поддржан и потпомогнат од еден или двајца луѓе во времето кога започнував… Сакам да ги насочам, и колку што можам да им посочам од моето 10-годишно искуство на она што е во ред а што не е.

Со други зборови, наместо да сфатат некои работи после 10 години, пробувам да им пренесам искуство од она што јас го сфатив во главно сам за истото тоа време. Верувам дека ќе бидат благодарни, како што јас сум благодарен на одредени луѓе кои безрезервно ги почитувам.

Така што, секој бенд е добредојден да се приклучи на “бандата”. Стар или млад, малку или повеќе познат, тука сме за да се здружиме и да “напаѓаме” заедно.

Како пример за сето ова можам да го посочам минатогодишниот фестивал на независни издаваштва од Скопје – “Земјотрес, прв од ваков тип кој урна рекорди во посетеност во Младинскиот Културен Центар во Скопје. Независните бендови од повеќе издавачи, за прв пат згазија заедно на сцената и буквално бевме сведоци на нов земјотрес во Скопје. Таму (барем за мене) како на ни еден настан во изминатите 10 до 12 години, сите почувствувавме позитивна енергија, сила, еднаквост, љубов и заедништво. Токму тоа е она за што говорам… но има време, луѓето ќе видат за неколку години за што точно се работи.

Sixtynine Records освен како колективно издаваштво, функционира и како локален промотер. Исто така, имаме свое дистро (на концертите на бендовите) каде што можете да го купите секое издание како и merchandise од бендовите. Во однос на промотерството, јас, заедно со останатите од Новиот Почеток, запознавме еден куп истомисленици од надвор… отворени сме за контактирање и секаков тип на соработка. Голем дел од бендовите кои ги запознавме на турнеите, веќе очекуваме да ни дојдат на гости. А за читателите кои стигнале до овде со читање – се што треба да прават е да ги следат новостите на нашиот сајт, бидејќи навистина ги има доста… сигурен сум дека годините ќе бидат се поплодни 🙂